ЃОКО ТАНЕСКИ МОЌНО ГИ ИСПЕА БЕЗВРЕМЕНСКИТЕ ХИТОВИ НА „ПИНК ФЛОЈД“ ПРЕД ПОЛНА САЛА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Безвременските хитови на легендарната британска група „Пинк Флојд“ се свиреа во полната сала на Филхармонијата во Скопје, на концертот „Нам, трибјут на Пинк Флојд“. Ѓоко Танески, кој беше главен вокал, покажа дека музиката на „Пинк Флојд“ одлично му лежи, со моќен глас, сигурна изведба и енергија која ја пренесе на публиката.

На репертоарот беа песни од раните 1970-ти до средината на 1990-ти години. Бендот, познат по својот прогресивен и психоделичен рок, остави голем белег во светската музика со албумите „The Dark Side of the Moon“, „Wish You Were Here“ и „The Wall“. Голем дел од песните ги напишаа Роџер Вотерс и Дејвид Гилмор. За време на секоја песна на концертот, на видеобимот беа напишани насловот, годината и авторот.

Дарко Гроздановски (Фото: СМАРТ.СДК.МК)

Танески кој е веќе искусен во овој проект, одлично ги испеа хитовите на легендарниот бенд, а музичарите од проектот „Нам“ покажаа голема подготвеност, со звук близок до оригиналните изведби.

Еден од најпознатите хитови, „Another Brick in the Wall“, не беше оставен за крај, туку се пееше на средината на концертот. Посебен впечаток оставија придружните вокали Ана Костадиновска, Теа Богатинова и Весна Илиќ Павловска, чии три гласа звучеа моќно како цел хор.

Во еден момент Танески ја повика публиката да направи ѕвездено небо, по што салата се осветли од стотици мобилни телефони. Одлична изведба имаше и младиот пејач од Битола Дарко Гроздановски, кој ја испеа „Wish You Were Here“. Ѓоко Танески ја најави како една од најубавите песни.

Концертот симболично заврши со „Comfortably Numb“, една од најпознатите песни на „Пинк Флојд“, од албумот „The Wall“ од 1979 година. Песната, чиј наслов во превод значи „Пријатно отрпнат“, е инспирација за името на проектот „Нам“. Нејзини автори се Гилмор и Вотерс.

„Ви благодариме Скопје, се надевам дека наскоро ќе се видиме на нешто поголемо“, рече Танески пред публиката да побара бис.

Скопскиот настап следуваше по летниот концерт во Античкиот театар во Охрид, каде што хитовите на „Пинк Флојд“ ги пееја тој и Дарко Гроздановски. Организатор на концертот е продукцијата „Фреш унион“.

 

М. ЏАРОВСКА