Поп-пејачката Бојана Скендеровски ја сними песната „Тука сме“, посветена на децата од домот „11 Октомври“ во Скопје по повод 80-годишнината од постоењето на установата. Песната носи порака дека секое дете заслужува да биде видено, слушнато и поддржано.
Музиката, аранжманот, миксот и мастерингот се на Димитар Андоновски, а текстот е на Тина Иванова. Во снимањето учествуваа деца од домот „11 Октомври“ и дневниот центар „Доза среќа“ и детскиот хор „Ѕвончиња“ од Битола.
„Не сакам да зборуваме за нив како за деца на кои нешто им недостига, туку да ги запознаеме како личности со свои соништа, таленти и желби. Тие имаат што да ни кажат, а наше е да застанеме, да ги слушнеме и да им покажеме дека не се сами“, вели Скендеровски, која е амбасадорка на хуманоста на Домот.