На 26 ноември во скопското кино „Синеплекс“ почнува да се прикажува комедијата „Сватовите на Фокерови“, четвртиот филм од популарниот серијал со Роберт де Ниро и Бен Стилер. Филмот ќе игра и низ Македонија, во кината на „Киноверзум“.
По 16 години пауза, двајцата актери се враќаат во улогите на Џек Бирнс и Грег Фокер, а на актерската екипа ѝ се придружува и поп-ѕвездата Аријана Гранде. Во филмот се појавува и тениската ѕвезда Новак Ѓоковиќ.
Приказната овојпат се фокусира на новата генерација на семејството Фокер. Хенри, синот на Грег и Пем, одлучува да се жени, а неговата избраничка предизвикува нова низа семејни недоразбирања и комични ситуации. Во филмот повторно играат Тери Поло, Блајт Данер и Овен Вилсон, а режисер е Џон Хамбург, кој беше косценарист на претходните три филма.
Серијалот почна во 2000 година со комедијата „Запознај ги родителите“, по која следуваа „Запознај ги Фокерови“ (2004) и „Малите Фокерови“ (2010). Трите филма заработија над една милијарда долари на светските киноблагајни.
По повод премиерата во Скопје, од 18:30 до 21 часот во „Синеплекс“ ќе има музички и забавни активности инспирирани од филмот, меѓу кои и тестирање со полиграф.