СЛАВНИОТ ГОТВАЧ ГОРДОН РЕМЗИ ЌЕ БИДЕ НОВИОТ ВОДИТЕЛ НА ШОУТО ЗА АВТОМОБИЛИ „ТОП ГИР“

Лондон, (Ројтерс)

Популарното британско телевизиско шоу за автомобили „Топ гир“ ќе се врати на телевизија во 2028 година, а главен водител ќе биде славниот готвач Гордон Ремзи. Снимањето на новата сезона ќе почне догодина, а покрај Ремзи ќе има и други водители, чии имиња засега не се откриени. Во шоуто ќе се врати и Стиг, мистериозниот возач чиј идентитет е скриен зад тркачката кацига.

Шеесетгодишниот Ремзи е голем љубител на автомобили. Досега трипати гостувал во „Топ гир“, има лиценца за автомобилски трки и учествувал на тркачки натпревари.

„Сакаме да внесеме свежа енергија и да создадеме нешто навистина возбудливо за цела нова генерација гледачи“, изјави Ремзи.

„Топ гир“, едно од најуспешните шоуа на Би-Би-Си, беше ставено на пауза откако водителот Ендрју Фреди Флинтоф беше сериозно повреден во сообраќајна несреќа за време на снимање во 2022 година. Шоуто почна да се емитува во сегашниот формат во 2002, а светска популарност стекна со водителите Џереми Кларксон, Ричард Хамонд и Џејмс Меј.