16 ПРЕТСТАВИ НА 55. ДРАМСКИ АМАТЕРСКИ ФЕСТИВАЛ ВО КОЧАНИ

Кочани, (СМАРТ СДК.МК)

Шеснаесет претстави ќе бидат изведени на 55. Драмски аматерски фестивал во Кочани, што почнува денеска и ќе трае до сабота.

Фестивалот се отвора во 19 часот со претставата „Бегај ѓаволе, жена ми доаѓа“ на културното друштво „Шатор Шторје“ од Словенија, а ќе биде затворен в сабота, со скопската хит-комедија „Чао пријатно“.

Мотото на годинашниот фестивал е „Уметноста е долга, животот е краток“, а најавени се и придружни манифестации, многу гости, промоции на книги, работилници, ликовни перформански, театар на сенки…

„Посебна гордост ни е гостувањето на Словенецот Марко Брецељ, ексцентричен мултимедијален уметник и поранешен фронтмен на култниот рок бенд ‘Булдожер‘. Брецељ доаѓа в четврток, заедно со словенечкиот писател Томаж Космач, за промоција на неговата книга ‘Панкот е мртов‘. Уште еден настан кој е посебен за кочанската публика е промоцијата на капиталното дело на Тошо Филиповски ‘Македонска рок енциклопедија‘ во неговиот роден град“, вели Дарко Спасов, новиот претседател на фестивалот.

Во Кочани пристигнуваат над 210 учесници од 16 театарски групи. Влезниците за претставите чинат 50 денари, а ќе има и дневни влезници по цена од 80 денари за двете вечерни претстави и фестивалски од 450 денари за сите 16 претстави.