АМЕРИКАНСКА КОМПАНИЈА СОЗДАДЕ ЕХО СКЕНЕР ШТО СЕ ПРИКЛУЧУВА НА СМАРТФОН

Њујорк, (Би-Би-Си)

Американската компанија „Батерфлај нетвркс“ објави дека произвела ехо скенер што може да се приклучи на смартфон и е достапен за околу 2.000 долари. Творецот Џонатан Ротберг смета дека неговото влијание врз здравствената заштита ќе биде големо како појавата на стетоскопот пред 200 години.

И покрај развојот на помали и поевтини машини, ехо скенирањето и натаму остана скапо низ светот. Цената на машините се движи меѓу 9.000 и 20.000 долари, а индивидуални трошоци на прегледот чинат околу 250 долари. Од друга страна, изумот на „Батерфлај“ од 2.000 долари ја намалува технологијата на ехо прегледите до големината на електричен брич.

„Ова е важен чекор во приближувањето на ехото до милиони луѓе кои немаат пристап до основната медицинска технологија. Две третини од светот немаат пристап до медицинско скенирање, а трошоците за тоа се високи дури и во развиениот свет“, вели Ротберг.

Приклучен на смартфон, со „батерфлај“ ќе можат да се вршат стомачни, кардиоваскуларни, гинеколошки, уролошки, мускулоскелетни и седум други прегледи, вклучувајќи и бременост.