Хуманоидни роботи беа насекаде на Саемот на потрошувачка електроника (ЦЕС) во Лас Вегас, но меѓу нив се издвои Арија, робот со вештачка интелигенција на американската компанија „Рилботикс“.
Арија, женски робот со руса коса, тенок струк и големи гради, може да послужи како деловен претставник на големи настани или како придружник на осамени луѓе, вели извршниот директор на „Рилботикс“ Ендрју Кигел.
„Роботот би можел да биде од корист и во домови за грижа на стари лица зашто лесно може за запомни и пренесе здравствени податоци, како, на пример, кога да земете лекови“, кажа Кигел.
Арија даваше и интервјуа на саемот, при што нејзините одговори беа долги и го движеше телото во согласност со зборењето.
„Арија дава чувство на поврзаност со робот кој изгледа како човек“, вели Кигел.
Запрашан дали Арија е и секс робот, Кигел одговори:
„Не е и би можел да ве погоди струен удар ако пробате“.
Роботот доаѓа со различни цени. Моделот со глава и торзо чини 10.000 долари, а целосната верзија, која може да се движи наоколу, има почетна цена од 175.000 долари. Многумина затоа ја опишаа Арија како девојка од 175.000 долари.
(Фото: ЦНЕТ)