Вредноста на биткоинот за првпат надмина 100.000 долари, што е поттикнато од надежите дека новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ќе води пријателска политика кон криптовалутите.
Магичната граница беше надмината откако Трамп го назначи Пол Еткинс за нов шеф на Агенцијата за хартии од вредност и берзи, кој е голем заговорник на криптовалутите. Вредноста на биткоинот порасна за 6% во еден ден и во еден момент достигна до 103.619 долари.
Вкупната вредност на пазарот на криптовалути речиси се удвои оваа година и сега изнесува рекордни 3,8 трилиони долари.
Најниската вредност на биткоинот оваа година беше 38.505 долари, регистрирана на 23 јануари и изборната победа на Трамп минатиот месец беше катализатор за неговиот актуелен раст. Тој во кампањата ветуваше дека ќе ги направи САД „крипто-престолнина на планетата“ и „светска суперсила на биткоинот“.
Иако е најпопуларна криптовалута на светот, и натаму не се знае кој го измислил биткоинот. Идејата првпат била презентирана на интернет форуми во 2008 од некој што се нарекувал себеси Сатоши Накамото.
Сатоши предложил дигитален систем кој би им овозможил на луѓето да испраќаат виртуелни монети преку интернет исто толку лесно како е-пошта. Притоа создал комплексен компјутерски систем кој би обработувал трансакции и би создавал нови монети користејќи огромна мрежа на волонтери ширум светот кои работат со специјален софтвер и моќни компјутери. Но, тој (или тие) никогаш не го откри својот идентитет.
Биткоиот се покажа доста издржлив низ годините и успеа да се врати откако неговата вредност падна под 16.000 долари во 2022.
(Фото: Гети)