Кога се зборува за паметни очила, прво се помислува на озлогласените „гугл глас“, но „боуз фрејмс“ имаат поинаква, покул намена.
„Боуз“ е една од најпознатите светски компании за музичка опрема и во своите очила успеа да го смести најмалиот, најтенок и најлесен аудиосистем на светот. Тешки 45 грама, тие комбинираат заштита и изглед на врвни стилски очила, функционалност и перформанси на безжични слушалки, како и прва аудиоплатформа за аугментативна реалност на светот.
Очилата се појавија на американскиот пазар пред шест месеци, а сега дојдоа и во Европа и нивната основна цена се движи околу 200 фунти.
Со вклучување на едно копче, тие преку блутут се поврзуваат со мобилен телефон и со целата негова аудиосодржина. Два мали звучника се наоѓаат во рамката пред самите уши и во околината се испушта само 1% од звукот. Литиумската батерија се полни за два часа и музика во континуитет може да се слуша три часа. Вградениот микрофон овозможува преку очилата да се прават и повици.