ЧЕЧЕНСКИОТ ЛИДЕР КАДИРОВ ОСТАНУВА ЕДИНСТВЕНИОТ ЧОВЕК НА СВЕТОТ КОЈ БИЛ ИСФРЛЕН ОД ИНСТАГРАМ

Грозни, (Гардијан)

Чеченскиот лидер Рамзан Кадиров привремено се појави на својата омилена социјална мрежа Инстаграм, пред повторно да биде блокиран, откако од компанијата кажаа дека тоа била грешка.

Кадиров ги изненади своите три милиони следбеници, објавувајќи фотографија со пиштол, што беше негов прв пост по пауза од речиси една година. Неколку часа подоцна, неговиот профил повторно го снема.

Чеченскиот моќник е единствениот човек на светот кој бил исфрлен од Инстаграм и Фејсбук поради финансиските санкции на САД, што, како што велат локалните медиуми, многу тешко му паднало. Активисти од САД особено лобирале Кадиров да биде исклучен од Инстаграм, бидејќи „тоа е една од неговите најомилени работи“.

Минатата година, Фејсбук објави дека има „законска обврска“ да го блокира профилот на Кадиров, бидејќи се наоѓа под економски санкции. Истото им се случи и на претседателот на Венецуела Николас Мадуро и на некои други функционери од недемократски земји, но тие во меѓувреме си ги повратија профилите.