„Епл“ потврди дека новите телефони „ајфон 12“ ќе бидат негови први кои ќе работат на побрзата 5Г мрежа. Во понудата е вклучен и нов „мини“ модел, што ќе има помал 5,4-инчен екран и ќе биде поевтин.

Експертите сметаат дека новите уреди му даваат најголеми шанси за раст на „Епл“ од лансирањето на „ајфон 6“ во 2014 година.

„5Г носи ново ниво на перформанси за даунлодирање и аплоудирање, поголем квалитет на видеостримување, побрзо играње видеоигри, интерактивност во реално време и многу повеќе“, изјави извршниот шеф на „Епл“, Тим Кук.

„Ајфон 12“ ќе го има истиот 6,1-инчен екран како неговиот претходник, но уредот е потенок за 11%, полесен за 16% и има помали рамки. Екранот има повисока резолуција, а „керамички штит“ му дава поголема заштита од оштетувања. Опремен е со нов бионички чип А14 за понапредни подобрувања на фотографиите.

Почетната цена на „ајфон 12“ со меморија од 64 гигабајти е 799 долари, додека „мини“ ќе чини 699 долари.