РЕДОК РОЗОВ ДИЈАМАНТ БИ МОЖЕЛ ДА СЕ ПРОДАДЕ НА АУКЦИЈА ЗА 38 МИЛИОНИ ДОЛАРИ

Хонгконг, (Ројтерс)

Исклучително редок дијамант со виолетово-розова боја, кој бил ископан во рудник во Русија, се очекува да постигне цена до 38 милиони долари кога ќе се најде на аукцијата на „Сотбис“ на 11 ноември.

Дијамантот именуван според рускиот балет „Духот на розата“ е најголем од неговиот вид што досега бил понуден на аукција. Изминативе години, милијардерите низ светот се сѐ повеќе заинтересирани за скапоцени камења во боја.

Дијамантот од 14,83 карати бил откопан како дел од најголемиот розов кристал некогаш најден во Русија, соопшти „Сотбис“. Експертите велат дека розовите дијаманти се истовремено и ретки и естетски високо оценувани од колекционерите.

„Само еден процент од сите розови дијаманти е поголем од десет карати“, велат од „Сотбис“.