ЕСПОРТОТ И ОФИЦИЈАЛНО ПРИЗНАТ ЗА СПОРТ ВО МАКЕДОНИЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Еспортот (електронски спорт) и официјално доби статус на спорт во Македонија. Ова следува откако Агенцијата за млади и спорт (АМС) вчера ѝ врачи решение за дејност спорт на Македонската еспорт федерација (МЕСФ).

„Ми претставува голема чест и задоволство што Еспорт федерацијата и официјално станува дел од македонскиот спорт. Ви честитам на успесите што досега ги постигнавте и ви посакувам и поголеми успеси во иднина“, изјави директорот на АМС, Наумче Мојсоски.

Македонската еспорт федерација и официјално беше регистрирана во 2009 година, иако македонските гејмери и порано почнаа да учествуваат на меѓународните натпреварувања. Таа е членка на Меѓународната и на Европската еспорт федерација. Последниот голем успех во овој спорт беше остварен во ноември, кога Македонија стана светски шампион во видеоиграта „Counter-Strike: Global Offensive“.

Според информациите од официјалниот сајт на МЕСФ, во Македонија има седум постојани еспорт клуба и повеќе од 120 тимови кои учествуваат на турнири.

Еспорт е еден од најбрзо растечките спортови на светот. Се проценуваше дека до 2020 ќе има 450 милиони гледачи и приходи од една милијарда долари.