Фејсбук ќе го следи Инстаграм и ќе почне да ја крие бројката лајкови под објавите на корисниците. Ова за почеток ќе биде тестирано во Австралија.

Од денеска, тамошните корисници на Фејсбук веќе нема да можат да видат колку лајкови и реакции добиле објавите на други корисници, два месеца откако ваква промена беше применета на Инстаграм во неколку држави. Од Фејсбук изјавија дека ова има за цел да се намали притисокот кај корисниците.

„Бројката на реакции ќе остане видлива на сопствените објави. Целта е да ги исфрлиме бројките за да можат луѓето да се фокусираат на квалитетот на нивните интеракции и на квалитетот на содржината“, изјави портпаролката на компанијата Мија Гарлик, додавајќи дека за ова се консултирани експерти за ментално здравје и групи против вознемирување.

Во јули, Инстаграм почна да ја крие бројката лајкови во седум држави, Австралија, Нов Зеланд, Бразил, Канада, Јапонија, Италија и Ирска, што предизвика незадоволство кај некои онлајн инфлуенсери.