ФОТОГРАФ ЈА ДОЛОВИ УБАВИНАТА НА СНЕГУЛКИТЕ ВО НАЈВИСОКА РЕЗОЛУЦИЈА ДОСЕГА

Њујорк, (Гардијан)

Фотографирање снегулки е голем предизвик: тие се тенки, мали и кршливи и се топат за само неколку секунди.

Токму затоа, Нејтан Мирволд ги фотографирал на Алјаска и во канадските Северозападни Територии на температури до -20 Целзиусови степени, користејќи специјално направена камера со микроскопска леќа. Тој вели дека 18 месеци ја создавал камерата и тврди дека успеал да сними снегулки во највисока резолуција на светот.

„Снегулките се одличен пример за скриена убавина. Водата, која толку многу ни е позната, е доста непозната кога се гледа на овој поинаков начин“, вели Мирволд, кој порано работел како шеф на техничката служба во „Мајкрософт“.

За да репродуцира толку многу детали, секоја финална фотографија претставува збир од стотина снимки, што се правени со брзина од 500 микросекунди.