ХОЛИВУДСКИ ЅВЕЗДИ ЈА ПРЕТСТАВИЈА СТРИМИНГ ПЛАТФОРМАТА НА „ЕПЛ“

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Компанијата „Епл“ ја претстави својата стриминг платформа „Епл ТВ+“, на настан на којшто присуствуваа голем број холивудски ѕвезди. Извршниот директор Тим Кук изјави дека ова е пресвртна точка во 42-годишната историја на компанијата.

Стив Карел, Рис Витерспун и Џенифер Анистон (Фото: АП)

Стивен Спилберг, Опра Винфри, Џенифер Анистон, Рис Витерспун, Стив Карел и Џејсон Момоа беа меѓу презентерите на сцената, најавувајќи го нивното учество во ТВ-проектите на технолошкиот гигант.

„Епл“, исто така, објави дека летово ќе пушти во употреба своја кредитна картичка, како и интернет-страница за видеоигри.

Картичката е изработена од титаниум и на неа нема број и место за потпис (Фото: Епл)

„Епл ТВ+“ ја претстави режисерот Стивен Спилберг, а ќе се користи од есенва. Тој кажа дека ќе работи на оригинални содржини за новата платформа, која ќе емитува и серии од веќе постоечките платформи, како „Хулу“ и Ејч-Би-О.

Винфри најави книжевен клуб во рамките на „Епл ТВ+“ (Фото: АП)

Апликацијата за првпат ќе биде достапна и на ривалските уреди „Самсунг“, „Ел-Џи“ и „Сони“, како и на „Визио“ смарт телевизорите. Цената на претплатата не беше објавена.

„Епл њуз+“, пак, ќе чини 9,99 долари и на неа ќе бидат достапни над 300 списанија, како „Вог“, „Нешнал џиографик“ и „Ролинг стоун“.