ХРВАТСКА КОМПАНИЈА ЗА ВИДЕОИГРИ ОСНОВАНА СО ДВА КОМПЈУТЕРА КУПЕНА ЗА 148 МИЛИОНИ ДОЛАРИ

Загреб, (Индекс)

Хрватската фирма „Нанобит“ станува дел од шведската групација „Стилфронт“, една од водечките светски компании во сегментот на бесплатните видеоигри, откако ја презеде во зделка вредна 148 милиони долари. Трансакцијата ќе биде спроведена во два дела, при што „Стилфронт“ во прв момент ќе купи 78-процентен удел за 100 милиони долари.

„Вкупниот износ што ‘Стилфронт‘ ќе го плати на крајот ќе изнесува 148 милиони долари“, соопшти „Нанобит“.

Оваа компанија пред 12 години ја основаа Алан Сумина и Зоран Вучиниќ без капитал, без канцеларии и со само два компјутера. Денес, „Нанобит“ е присутен во повеќе од 150 земји, вработува 125 високообразовани луѓе, а нејзините видеоигри досега се преземени повеќе од 145 милиони пати. Тие имаат над десет милиони активни играчи месечно.

Оваа година, „Нанобит“ се проби на 15 нови пазари откако ги прилагоди своите видеоигри на шест светски јазици.