ИЛОН МАСК РАЗМИСЛУВА ДА ГО БЛОКИРА ИКС ВО ЕВРОПА ПОРАДИ НОВИТЕ РЕГУЛАТИВИ

Брисел, (Ројтерс)

Илон Маск размислува да го блокира користењето на Икс во Европа како одговор на новите интернет регулативи во регионот, објави сајтот „Инсајдер“. Тој ги разгледувал опциите да ја направи апликацијата недостапна во Европа или да им го блокира пристапот на корисниците од Европска Унија, изјави еден извор од компанијата.

Европската Унија во август го усвои законот за дигиталните услуги, кој, меѓу другото, поставува правила за спречување на ширењето на штетните содржини, забранува или ограничува одредени пракси за таргетирање корисници, како и делење на некои интерни податоци со регулаторите и поврзаните истражувачи.

Во случај Икс да не ги почитува овие правила, Брисел би можел да изрече строги казни, како исклучување од единствениот пазар на ЕУ или парична казна во висина до 6% од глобалниот годишен обрт на компанијата.

(Фото: ЕПА)