КАНАДСКА ФИРМА РАЗВИ ХОРМОМЕТАР, СИСТЕМ ЗА БРЗО ТЕСТИРАЊЕ НА НИВОТО НА ХОРМОНИ ДОМА

Лас Вегас, (Дезин)

Нивото на хормони лесно ќе може да се тестира и следи дома со помош на хормометар, сет за брзо тестирање развиен од канадскиот стартап „Ели хелт“, што беше претставен на годишниот саем за технологија ЦЕС во Лас Вегас.

Хормометарот користи полнење за еднократна употреба налик на термометар во комбинација со мобилна апликација со вештачка интелигенција која ги анализира резултатите во реално време. „Ели хелт“ тврди дека ова е првиот преносен и брз производ за тестирање на база на плунка кој дава прецизни отчитувања на повеќе хормони.

На претставувањето, компанијата понуди тестирање на нивото на „стрес хормонот“ кортизол и на прогестерон, што се поврзува со плодност, менопауза и менструално здравје.

Создаваме досега невиден пристап до сознанија за здравјето на хормоните, обезбедувајќи им на поединците алатки што им се потребни за подобро да ја разберат и поддржат нивната благосостојба, секој ден и во текот на животот. Го правиме следењето на хормоните едноставно и достапно како проверка на отчукувањата на срцето, помагајќи им на луѓето проактивно да управуваат со своето здравје“, рече извршната директорка на „Ели хелт“, Марина Павловиќ-Ривас.