МАСК ТВРДИ ДЕКА НЕГОВИОТ ЧЕТБОТ ГРОК 3 ЌЕ БИДЕ НАЈПАМЕТНАТА ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА НА СВЕТОТ

Њујорк, (Ројтерс)

Илон Маск објави дека утре (17 февруари) ќе го претстави својот четбот со вештачка интелигенција наречен Грок 3, кој треба да биде конкуренција на популарниот ЧетГПТ.

Ова следува откако Маск пред неколку дена најави дека Грок 3 е во завршната фаза од развојот и ќе биде претставен за една или две недели. Најбогатиот човек на светот се пофали дека Грок 3 ќе биде „најпаметната вештачка интелигенција на Земјата“.

Тој ќе има подобри перформанси од сѐ што досега беше објавено. Понекогаш мислам дека Грок 3 е застрашувачки паметен“, кажа Маск неодамна.

Трката за создавање на најефикасен модел со вештачка интелигенција се интензивираше бидејќи новите играчи се натпреваруваат да создадат предност на пазарот. Пред неколку недели, кинеската фирма „ДипСик“ претстави четбот доволно конкурентен на ЧетГПТ, но создаден за далеку помалку пари.

(Фото: АП)