„ОПЕНАИ“ ЌЕ ГО ОТСТРАНИ ГЛАСОТ НА СВОЈОТ НОВ ЧЕТБОТ ЗАШТО ЗВУЧЕЛ КАКО СКАРЛЕТ ЈОХАНСОН ИАКО ТАА ЈА ОДБИЛА ПОНУДАТА

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Скарлет Јохансон изјави дека е шокирана и гневна откако „ОпенАИ“ лансираше четбот со глас што многу наликува на нејзиниот. Таа кажа дека претходно ја одбила понудата од компанијата да го позајми гласот за нејзиниот нов четбот, кој гласно им чита текстови на корисниците.

Кога новиот модел наречен Скај беше промовиран минатата недела, многумина ја забележаа сличноста помеѓу тонот на четботот и гласот на Јохансон од филмот „Таа“ од 2013.

ОпенАИ“ вчера кажа дека ќе го отстрани гласот, тврдејќи дека немале намера да ја имитираат холивудската ѕвезда. Сепак, Јохансон ги обвини компанијата и нејзиниот основач Сем Алтман дека намерно ѝ го копирале гласот.

Кога го слушнав објавеното демо, бев шокирана, гневна и во неверување дека Алтман употребил глас што толку морничаво потсетува на мојот. Тој дури и инсинуираше дека сличноста е намерна со твитот ‘таа‘, референца за филмот во кој му давам глас на систем за разговор“, кажа Јохансон.

Таа вели дека Алтман ѝ пристапил во септември со понуда да го позајми гласот за новиот четбот.

Ми кажа дека мојот глас би бил смирувачки за луѓето. Сепак, ја одбив понудата од лични причини. Алтман повторно го контактираше мојот менаџер два дена пред лансирањето на Скај со надеж дека ќе се премислам“, изјави актерката.

(Фото: Гети)