ПОЧНУВА 5Г РЕВОЛУЦИЈАТА И СО ТОА СÈ ЌЕ СТАНЕ МНОГУ ПОБРЗО

Њујорк, (Мешабл)

2019 треба да биде година во којашто почнува 5Г револуцијата. Во споредба со 4Г, 5Г значи 20 пати побрзо, па така филм во висока резолуција ќе можете да даунлодирате за само десет секунди.

Иако 5Г е следниот голем чекор за светот на мобилните уреди, оваа технологија, всушност, сè уште е во своја зародишна фаза. Тоа се однесува и на цените, па вашиот нов „ајфон“ од 1.000 долари, можеби, нема да ви биде доволен.

Но, смартфоните се само дел од 5Г револуцијата, вистинската придобивка ќе биде поврзувањето на светот. Така, на пример, самовозечките автомобили ќе можат да комуницираат меѓу себе, што ќе ги направи побезбедни, а очилата со аугментативна реалност ќе дадат сосема нов поглед на светот околу нас.

5Г е скратено од „петта генерација на технологијата на мобилни мрежи“. Оваа генерација ја воведува технологијата на милиметарска бранова должина, која се движи низ широк опсег на радиофреквенции во електромагнетскиот спектар што моментално не е во употреба, од 24 до 90 гигахерци (4Г е од 450 мегахерци до 5,9 гигахерци).

Во превод, тоа значи многу побрзи мобилни мрежи и многу ниска латентност. Но, пред да почне вистински да се применува, остануваат многу шпекулации.

Уреди со 4Г ќе продолжат да се лансираат и во 2019. Ќе бидат поевтини, ќе имаат подобри батерии и се очекува да бидат конкурентни и во почетокот на следната година.