„НЕРА“ Е ПРВИОТ МОТОЦИКЛ НАПРАВЕН СО 3-Д ПЕЧАТЕЊЕ

Берлин, (Си-Ен-Ен)

Германската компанија „БигРеп“ го создаде првиот прототип на својот 3-Д отпечатен мотоцикл, наречен „НЕРА“. Тоа е прв целосно функционален електричен мотоцикл на светот од ваков тип и иако моментално не е наменет за продажба, компанијата од Берлин се надева дека ова ќе го покаже огромниот потенцијал на 3-Д печатењето.

Тежок само 60 килограми, моторот содржи неколку футуристички идеи, како безвоздушни гуми, вградени ЛЕД-светилки што можат да се програмираат, приспособливо седиште и визуелно доминантна ромбоидна рамка на тркалата.

„Овој мотоцикл и другите наши прототипови ги поместуваат границите на инженерската креативност и ќе ја преобликуваат сегашната технологија на 3-Д печатење. ‘НЕРА‘ комбинира неколку иновации развиени во нашата лабораторија“, изјави Даниел Бининг, коосновачот на „БигРеп“.

Со исклучок на електричниот мотор, сите делови на „НЕРА“, вклучувајќи ги и гумите, се 3-Д отпечатени.