Во рамките на 11. ПИН Музичка конференција, во Младинскиот културен центар во Скопје беше промовирана регионалната дигитална платформа „Creative Gate“, креирана за поврзување и партнерство на музичари, продуценти и културни работници од државите од Западен Балкан, кои не се доволно поврзани.
На оваа платформа, секој кој е заинтересиран за вмрежување ќе може да се зачлени, да објавува настани и блогови, да бара и нуди соработка и да пресретне креативни идеи во музичката индустрија. Зачленувањето е бесплатно, но и воопшто концептот на платформата не е да генерира профит.
За ова пошироко на прес-конференцијата зборуваа Клер Сирс од Британскиот совет (и директорка за Западен Балкан), Алма Мрган-Слипичевиќ од УНЕСКО, Милош Ѓуроски како претставник на веб-страницата и Рамона Моња Кочишка од „Пасворд продукција“, домаќин на ПИН Музичката конференција.
Платформата „Creative Gate“ ја креираа Егзит фондацијата и фестивалот Таксират, со цел зајакнување на културните и креативните индустрии на Западен Балкан како дел од проектот „Култура и креативност за Западен Балкан“, кој е финансиран од ЕУ.
С. К. ДЕЛЕВСКА