„САМСУНГ“ ЈА ПРЕТСТАВИ НОВАТА СЕРИЈА НА 5Г СМАРТФОНИ „ГАЛАКСИ С20“

Сеул, (Би-Би-Си)

„Самсунг“ претстави три нови модели на смартфон и сите поддржуваат 5Г, а најнапредниот „галакси С20“ располага и со камера со зум х100. Компанијата потврди и нов смартфон на превиткување, „галакси З флип“, чиј екран е направен од посебно стакло.

„Ултратенкото стакло е доволно издржливо што можете 200.000 пати да го превиткате телефонот“, кажаа од „Самсунг“.

Неколку ривалски компании најавија лансирање нови модели во наредните недели, но постојат стравувања дека ширењето на коронавирусот би можело да го загрози производството.

Моделот „С20“ доаѓа во три варијанти:

  • Основниот модел има екран од 15,7 сантиметри и три задни камери. Неговата почетна цена е 999 долари.
  • „С20+“ е со екран од 17 сантиметри, при што основниот модел е засилен со сензор за длабочина. Стартната цена е 1.199 долари.
  • „С20 ултра“ има екран од 17,5 сантиметри. Леќата на телеобјективот има само 48 мегапиксели, но широкоаголните леќи се зголемени на 108 мегапиксели. Стартната цена е 1.399 долари.

Овие телефони ќе бидат меѓу првите кои ќе овозможуваат снимање во 8К резолуција, што е четири пати повеќе пиксели од 4К. Тие ќе добијат и за 10% посилна батерија од претходната серија „С10“.