ЗАКЕРБЕРГ ПРЕТСТАВИ НОВИ ЧЕТБОТИ СО ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА КОИ ЌЕ ИМААТ ЛИЧНОСТ

Њујорк, (Би-Би-Си)

„Мета“ објави серија нови четботи што ќе се користат во Месинџер. Тие ќе имаат личност и ќе бидат специјализирани за одредени теми, како одмори или совети за готвење.

„Четботите сѐ уште се во развојна фаза и имаат ограничувања“, изјави шефот на „Мета“, Марк Закерберг, додавајќи дека ова беше неверојатна година за вештачката интелигенција.

„Мета“ го нарече својот главен четбот Meta AI, кој ќе може да се користи при разменување пораки. Така, на пример, корисниците ќе можат да му постават прашања на четботот за да се решат расправии.

Meta AI е заснован врз Llama 2, големиот јазичен модел што компанијата го пушти во комерцијална употреба во јули. Неколку славни личности, меѓу кои и Снуп Дог, Кендал Џенер и Том Брејди, се согласија да ги позајмат нивните личности за различни типови четбот. Идејата е да се создаде четбот кој нема само да одговара на прашања.

„Ова нема да биде само одговарање на прашања, ова е за забава. Засега сѐ уште има доста ограничувања во поглед на тоа што би можел да одговори четботот“, кажа Закерберг.

(Фото: Гети)