ПОЧНУВА НОВА ЕРА – ЈУЖНА КОРЕЈА И САД ГИ ЛАНСИРАА ПРВИТЕ 5Г СЕРВИСИ

Њујорк, (Би-Би-Си)

Јужна Кореја и САД оваа недела ги лансираа првите комерцијални 5Г сервиси на светот, ветувајќи им нови големи можности на корисниците на смартфони.

„Самсунг“ објави дека неговиот нов уред „галакси С10 5Г“, што почна да се продава од вчера, ќе биде 20 пати побрз од сегашните телефони. Голем број земји брзаат да изградат 5Г мрежа, која ќе биде клучна за некои идни технологии, како самовозечки автомобили и аугментативна реалност.

5Г значи петта генерација на технологијата на мобилни мрежи и ќе овозможи корисниците да доаѓаат до податоци многу побрзо и со помало одложување. Таа исто така треба да обезбеди поширока покриеност и постабилни конекции.

„Преминот од денешната 4Г на 5Г мрежа ќе биде значителен. Првата генерација овозможи глас, 2Г донесе пораки, 3Г статични слики или фотографии, а 4Г овозможи видео. Очекуваме ова да биде досега најголем забележан скок“, вели аналитичарот Ед Бартон.

Со 5Г, повеќе уреди ќе можат да бидат приклучени на мрежата при поголеми брзини, а ќе овозможи и висококвалитетен стриминг и лајвстриминг до поголема публика, што ќе им понуди подобро искуство на оние кои гледаат спорт во живо или играат видеоигри во клауд.

Оваа технологија досега само се тестираше, но комерцијалната примена дури сега стана достапна. Водечките три мобилни оператори во Јужна Кореја лансираа 5Г услуги оваа недела, а во САД, „Веризон“ го пушти во делови од два града.

„Со ова почнува нова ера на неверојатни брзина и поврзаност“, кажа претседателот на одделот за мобилни комуникации во „Самсунг“, Диџеј Кох.