106-ГОДИШНА ТАТУ МАЈСТОРКА ОД ФИЛИПИНИ СТАНА НАЈСТАРАТА ЛИЧНОСТ НА НАСЛОВНАТА СТРАНИЦА НА „ВОГ“

Манила, (Гардијан)

Домородна Филипинка која помогна да се зачува уметничка форма наречена баток стана најстарата личност која се појавила на насловната страница на престижниот моден магазин „Вог“. Апо Ванг-Од, која се прослави како тату мајсторка, позираше за филипинското издание на „Вог“ на 106 години.

Ванг-Од потекнува од зафрленото планинско село Бускалан во северната провинција Калинга, а почнала да тетовира на 16-годишна возраст.

„Своевремено опишана како последниот жив мамбабаток, односно традиционален тату мајстор од Калинга, таа инспирираше нова генерација мајстори на баток. Таа ги има втиснато симболите на племето Калинга во кожата на илјадници луѓе кои биле на аџилак во Бускалан“, пишува „Вог“.

Баток вклучува рачно сликање на тетоважата со помош на трн натопен во саѓи и природна боја и прикачен на стапче од бамбус. Оваа вештина може да се пренесува само преку крвно сродство, па Ванг-Од сега ја обучува својата правнука.

„Планирам да продолжам да тетовирам сè додека ме држи видот“, кажа Ванг-Од.

Таа го урна рекордот на легендарната британска актерка Џуди Денч, која во 2020 ја красеше насловната страница на „Вог“ на 85 години.