ПАРИЖАНИТЕ ИЗГЛАСАА ЗАБРАНА ЗА ИЗНАЈМУВАЊЕ ЕЛЕКТРИЧНИ ТРОТИНЕТИ

Париз, (Би-Би-Си)

Парижаните гласаа за забрана за изнајмување електрични тротинети, што претставува триумф на активистите за безбедност на улиците. Речиси 90% од оние кои излегоа на референдумот гласаа „за“.

Иако излезноста беше многу мала, само 8% од 1,38 милиони регистрирани гласачи, властите кажаа дека ќе ги почитуваат резултатите.

Градоначалничката Ен Идалго го распиша референдумот поради порастот на бројот на загинати и повредени во сообраќајни несреќи кои вклучуваат електрични тротинети. Париз беше еден од првите градови кои го прифатија ова превозно средство, но критичарите сметаат дека тие прават повеќе штета отколку добро.

Во градот се појави загриженост поради начинот на кој некои ги возат тротинетите. Не само што постигнуваат брзини до 27 километри на час, туку и повеќето возачи не носат заштита за глава, а дури и 12-годишни деца законски смеат да ги изнајмат.

(Фото: ДПА)