Со години прогласуван за најдобар аеродром, „Ченги“ во Сингапур вчера го отвори својот најнов, 1,78 милијарди долари вреден додаток, наречен „Скапоцен камен“, во чиј центар се наоѓа највисокиот водопад во затворено на светот.
Поставен меѓу четири терминали, Дождовниот вртлог е висок десет ката, односно 40 метри и испумпува 500.000 литри дождовница низ покривот на зградата, што, истовремено, природно го лади целиот простор.
Целиот комплекс, што се градеше четири години, се простира на 137.000 квадратни метри и содржи 2.000 дрвја и илјадници цвеќиња и грмушки. Меѓу целото зеленило има и повеќе од 280 продавници и ресторани, кино, Покемон центар и хотел со 130 соби.
„Аеродромите обично ги вознемируваат луѓето и ова е мој начин тие да бидат смирени и да се чувствуваат добро. Ова, исто така, е првиот аеродромски центар кој им служи на патниците, вработените, но и на жителите на градот“, изјави авторот на „Скапоцениот камен“, израелско-канадскиот архитект Моше Сафди.