Ѕвоното на часовникот Биг Бен, еден од најпрепознатливите споменици на Велика Британија, повторно ќе биде во функција за Нова година и ќе означи полноќ, објави британскиот парламент.

Часовникот на врвот од кулата Елизабета изминативе две години е окружен со скелиња, бидејќи четирите саати се чистеа и реновираа.

Во март годинава, дел од скелињата беа тргнати и можеше да се види дека некогаш црните бројки сега се префарбани со сино, бидејќи, како што велат научниците, тоа била и првичната боја.

Откако почна реставрацијата во 2017, Биг Бен не чукаше и не ѕвонеше, освен за некои поважни датуми. Реставрацијата на целата кула треба да биде завршена во 2021 година и се проценува дека ќе чини 61 милион фунти. Се планира и реставрација на зградата на Парламентот, во вредност од четири милијарди фунти.