БРИТАНСКА ФОНДАЦИЈА ГРАДИ ДОМОВИ ЗА БЕЗДОМНИЦИ СО ИЗГЛЕД КАКО АВИОНСКИ КАБИНИ ОД ПРВА КЛАСА

Ворчестер, (Дејли Мејл)

18-годишниот Киран Еванс е првиот бездомик кој се всели во „микро дом“, изграден во рамките на проектот за вдомување на бездомниците во Велика Британија.

Киран, кој една година живее на улица, сега има дом од 17,25 квадрати во Ворчестер, со спална соба, комплетно опремена кујна, тоалет, па дури и зона за забава.

Таканаречениот микро дом чини 40.000 фунти. Инспириран е од внатрешниот изглед на јахти и авионски кабини во прва класа. Структурата е изработена од челична рамка и дрво, а покривот од железо.

Овој амбициозен проект го спроведува Фондацијата за бездомници, а имотите на кои што ќе се поставуваат објектите ги обезбдедува Асоцијацијата „Спринг хостинг“. Целта на проектот, кој се смета дека е прв од ваков вид во светот, е да се реши проблемот со бездомниците во земјата.

Станарите ќе треба да плаќаат месечна кирија и сметки за вода за да научат самостојно да живеат и да се грижат за својот дом.

Од Фондацијата сметаат дека во нивните домови во иднина можат живеат не само бездомници, туку и студенти и работници, кои не можат да си дозволат да купат или да изнајмат стан.