Данскиот парламент ги одобри плановите за изградба на голем вештачки остров, на кој би живееле 35.000 луѓе и би го штител пристаништето на Копенхаген од ефектите на климатски промени. Огромниот остров наречен Линетехолм ќе биде поврзан со копното преку обиколница, тунели и метро.

Островот ќе има површина од 2,6 квадратни километри, а изградбата ќе почне подоцна оваа година. Сепак, екологистите се противат на проектот, кој вклучува и изградба на брана околу неговиот периметар, со цел да се заштити пристаништето од покачувањето на нивото на морето и налети на бури.

Ако изградбата се одвива според планот, најголем дел од темелите на островот ќе биде поставен до 2035 година, а работите треба да завршат до 2070. Цената на проектот изнесува 2,6 милијарди евра.

Изградбата на вештачкиот остров со големина на околу 400 фудбалски терени ќе бара истовар на 80 тони земјиште само за да се направи полуостровот, јавуваат локалните медиуми. Екологистите сметаат дека на тој начин би можеле да се нарушат екосистемите и квалитетот на водата, па поднесоа тужба во Европскиот суд на правдата.