Амстердам тестира самовозечки електрични чамци, кои би служеле за активности како собирање ѓубре и превоз на патници.

Каналите во главниот град на Холандија, чија вкупна должина изнесува 100 километри, се користеле за транспорт многу пред појавата на автомобили и камиони. Новиот проект „Робоут“ има за цел да развие нови начини на минување по водени патишта без користење на човечка рака.

Технологијата беше многу релевантна во високо сложени операции каде што има многу пловила, бродови, кејови и пристаништа. Тука навистина можат да се унапредат безбедноста и ефикасноста преку системот на автономно возење“, изјави Стефан фан Дајк од Институтот за напредни решенија во Амстердам, кој соработуваше со Технолошкиот институт на Масачусетс.

Електричните роботски чамци пловат со мала брзина од шест километри на час, од 12 до 24 часа, во зависност од батеријата и товарот. Компјутер управува со нив од далечина, преработувајќи ги податоците од камерите и сензорите кои ја скенираат околината и препознаваат подвижни и неподвижни предмети. Пловилата се модуларни, па можат лесно да се приспособат да бидат товарни или патнички.

Научниците велат дека им требаат уште две до четири години за да ја усовршат самовозечката технологија.