ХЕЛСИНКИ ОДБИ ДА ИМА СВОЈ „ГУГЕНХАЈМ“ И ИЗГРАДИ ПОДЗЕМЕН МУЗЕЈ ВО ЦЕНТАРОТ НА ГРАДОТ

Хелсинки, (Гардијан)

Надуени бели могили се креваат од земјата во центарот на Хелсинки, чии заострени кружни прозорци потсетуваат на киклопски очи.

Оваа необична глетка е всушност нов музеј во финската престолнина, кој ќе се отвори оваа недела во празниот подземен простор, што некогаш бил паркинг на автобуска станица. „Амос рекс“, изграден за 50 милиони евра, треба да го стави Хелсинки на мапата на првокласни светски културни дестинации.

„Ова е како музејот да не се согласува целосно да оди во подземјето, па затоа како меури излегува на плоштадот“, вели Асмо Јакси од локалното архитектонско студио „ЈКММ“, кое стои зад проектот.

Под плоштадот се простира флексибилен изложбен простор од 2.200 квадратни метри

Ова доаѓа само две години откако по петгодишна јавна дебата, Хелсинки се откажа од можноста да добие свој „Гугенхајм“. Место американска франшиза, градот се реши за свој сопствен музеј, приватно финансираниот „Амос рекс“.

Под плоштадот се наоѓа флексибилен изложбен простор од 2.200 квадратни метри, кој беше умно изграден во самиот центар на градот, меѓу некогашните воени бараки и стаклената палата Ласипалатси.

„Уметноста порано беше нешто што се закачуваше на ѕид, а сега стана многу интерактивна и разговорна, искуство што луѓето го делат. Ако сакаме да се соочиме со предизвиците на иднината, мора да направиме нешто поразлично“, изјави директорот на музејот, Каи Картио.