ХОНГ КОНГ ЌЕ ВЛОЖИ 60 МИЛИЈАРДИ ФУНТИ ВО ЕДЕН ОД НАЈГОЛЕМИТЕ ВЕШТАЧКИ ОСТРОВИ НА СВЕТОТ

Хонг Конг, (Гардијан)

Хонг Конг планира да инвестира 60 милијарди фунти во изградба на еден од најголемите вештачки острови на светот, во обид да ја реши големата криза со домувањето на својата територија.

Владата објави дека на тој начин ќе се добие површина од 1.000 хектари во близина на најголемиот остров на Хонг Конг, Лантау. Најпознатиот вештачки остров на светот Палм Џумеира во Дубаи се простира на двојно помала површина од 560 хектари.

Планирано е работите да почнат во 2025 година, а првите жители би се населиле седум години подоцна. Островот ќе обезбеди простор за нови 260.000 станови.

Хонг Конг е еден од најгусто населените и најскапи градови на светот и повеќе од еден век се шири во морето. Неговиот меѓународен аеродром исто така беше изграден на вештачки остров пред две децении, но ова е најскапиот проект досега и илјадници луѓе протестираа против него.

Се очекува новиот остров да биде изграден на надморска височина од шест метри, што беше доволно аеродромот лани да го издржи налетот на супертајфунот Мангкут.