Хрватска до 2027 година ќе добие целосно нова тркачка патека која ќе ги исполнува сите критериуми и стандарди на Формула 1 и ќе може да биде домаќин на најголемите авто-мото трки на светот. Проектот добил одобрение од соодветните државни органи и наскоро треба да почне неговата реализација, објави „Индекс“.
Патеката „Croatia Ring“ ќе се гради кај Слуњ, гратче близу Карловац. Проектот целосно ќе бида финансиран од приватни инвеститори од Хрватска и државата во него нема да учествува со свои средства и земјиште.
„Проектот го потпишува најпознатата светска куќа за изградба на Ф1 патеки ‘Тилке‘, односно архитектите Херман и Карстен Тилке. Ова е исклучително сложен проект, на кој работиме веќе три години. Во првата фаза, патеката ќе биде долга четири километри, а потоа ќе може да се модифицира и менува според потребите. Таа ќе ги исполнува сите стандарди за организација на трки од Формула 1 и МотоГП“, изјави Даворин Штернер, еден од луѓето кој стои зад проектот.
Советник во проектот е некогашниот шампион во Формула 1, Жак Вилнев.
(Фото: ЕПА)