Кина ја доврши изградбата на најдолгиот тунел на автопат на светот, кој треба да биде отворен оваа година. Тунелот долг 22,3 километри се наоѓа на просечна надморска височина од 3.000 метри и минува низ планинскиот систем Тијаншан во северозападна Кина.
Откако ќе биде пуштен во употреба, тунелот ќе го намали патувањето низ средната секција на Тијаншан од три часа на само 20 минути. Тунелот се наоѓа на автопатот кој ги поврзува двата најнаселени града во регионот, Урумчи и Корла, кој место сегашните седум, ќе може да се помине во целост за три часа.
Изградбата на тунелот почнала во 2020 и на него работеле над 3.000 луѓе, кои се соочиле со низа предизвици, како сложени геолошки услови, голема надморска височина и екстремен студ.
(Фото: Профимедија)