Копенхаген ќе стане прв град на светот кој ќе гради „паркипелаг“, мрежа од пловечки паркови што, како што велат дизајнерите, „слободно ќе можат да ги користат сите, од рибари и кајакари до пливачи и оние кои само сакаат да гледаат во ѕвезди“.
Данската престолнина редовно котира високо на листите на најсреќни и најздрави градови на светот. Освен високиот животен стандард и одличниот баланс помеѓу работата и слободното време, значаен удел во тоа има и одржливото урбано планирање, како обемната мрежа на велосипедски патеки и урбаните водени патишта доволно чисти за да може да се плива во нив. Градот располага со 2.260 хектари јавни зелени површини и 83% од населението живеат на 300 метри од зеленило.
Кон ова сега ќе се додаде проектот „Островите на Копенхаген“, дизајниран од австралискиот архитект Маршал Блечер и данското студио „Фокстрот“. Тој се состои од мали пловечки паркови направени од рециклирани материјали што ќе бидат поставени во градското пристаниште.
Прв ваков остров, со големина од 20 квадратни метри, се појави во 2018, оваа година ќе се постават уште три, а во 2021 ќе следуваат и нови. Пристапот до нив ќе биде слободен и ќе можат да се користат за најразлични активности.
„Островите ќе се движат сезонски низ пристаништето, за да не се прави метеж во некои области и да се вдахне нов живот на местата каде што е потребно тоа“, велат од „Фокстрот“.