КУЛАТА „ЛАЛЕ“ ЌЕ БИДЕ НОВА АТРАКЦИЈА НА ЛОНДОН

Лондон, (Би-Би-Си)

Лондон има неколку препознатливи кули, но кон небото над градот ќе се издигне уште една, која ќе има изглед на лале.

Со височина од 305 метри, „Лалето“ во иднина ќе биде вториот највисок објект во Лондон, само четири метри понизок од Шард, највисоката зграда во цела Велика Британија.

Дизајнирана од познатото архитектонско студио „Фостер+партнерс“, кулата е замислена како туристичка и образовна атракција, па внатре нема да има деловни канцеларии. Планирано е 20.000 ученици од државните училишта секоја година бесплатно да ја посетуваат зграда, со што таа треба да им биде конкуренција на соседните кули Шард и Лондонско око, за кои се наплатува влез.

„‘Лалето‘ ќе биде културно и општествено обележје. Таа е во духот на Лондон како град кој напредно размислува“, вели Норман Фостер, основачот и извршен директор на студиото.

Изградбата треба да почне во 2020 година и планирано е да заврши за пет години.