ЛЕДЕНИОТ ХОТЕЛ „365“ ВО ШВЕДСКА Е ОТВОРЕН ПРЕКУ ЦЕЛА ГОДИНА И НЕ СЕ ТОПИ ВО ЛЕТО

Стокхолм, (Би-Би-Си)

Ледени хотели се многу популарни во Скандинавија, но со доаѓањето на пролетта, овие уникатни градби се топат и мора одново да се изградат следната сезона. Тоа не е случај со ледениот хотел „365“, што се наоѓа во малото село Јукасјерви во северна Шведска, 200 километри северно од Арктички Круг.

Тој е отворен преку цела година, 365 дена, во сите годишни времиња. На површина од 2.100 квадратни метри, хотелот располага со 20 уметнички и делукс апартмани, леден бар, ледена црква и сауни. Внатрешните температури се движат меѓу -8 и -5 Целзиусови степени.

Скелетот на хотелот е направен од челик и бетон и покриен со 2.000 квадратни метри изолација. Покривот има изолација од 20 сантиметри, која го штити мразот од топење преку лето. Иако креветите се направени од мраз, тие се покриени со кожи од ирвас, а ноќе се добиваат и термички вреќи за спиење. Собите содржат и уметнички инсталации, рачно направени од мраз од локални уметници.

Аеродромот „Кируна“ во шведска Лапонија е оддалечен само 20 километри од хотелот, кој на врвот на сезоната може да прими 250 гости.