ЛОС АНЏЕЛЕС ДОБИ ПРЕДЛОГ ЗА ЗГРАДА ВО СТИЛОТ НА СЛАВНИОТ ФУСТАН НА МЕРИЛИН МОНРО

Лос Анџелес, (Дезин)

Австралиската архитектонска фирма „Коичи Такада“ му понуди на Лос Анџелес проект за милтифункционална зграда „Скај трис“ со дрвена фасада, чиј долен дел е инспириран од легендарната филмска сцена со фустанот на Мерилин Монро.

„Дрвената крошна потсетува на славниот момент од филмот ‘Седум години верност’ од 1955, што е референца на холивудската улична култура“, велат од „Коичи Такада“.

Архитектите предлагаат дизајнот да наликува на секвоја, кои се едни од најстарите и највисоки дрвја на светот, а потекнуваат од Калифорнија.

„Наша визија е кулата да стане најздраво место за живеење во Лос Анџелес“, велат архитектите.

Ако биде изградена, „Скај трис“ ќе зафаќа простор од над 52.000 квадратни метри и ќе има 528 апартмани, плус продавници.