МУЗЕИ ШТО ТРЕБА ДА СЕ ПОСЕТАТ ВО 2018

Њујорк, (Травел ченл)

„Лувр Абу Даби“, Музејот на современа уметност „Цајц“ во Африка и Музејот на Јајои Кусама во Токио се меѓу најважните новитети во светот на музеите, кои вредат да се посетат во 2018.

Лувр Абу Даби, Обединети Арапски Емирати

Музејот „Лувр Абу Даби“ беше нетрпеливо очекуван уште од 2007 година. Конечно беше отворен на островот Садијат во ноември 2017, откривајќи 23 галерии со повеќе од 300 дела земени на заем од „Лувр“ и од други француски музеи. Но, „Лувр Абу Даби“ има и своја богата колекција со повеќе од 600 дела. Тука ќе биде изложена и најскапата слика на сите времиња, „Исус спасителот“ од Леонардо да Винчи.

Јајои Кусама, Јапонија

Јајои Кусама е легендарната авангардна уметница, најпозната по нејзиниот посебен стил на сликање со точки и по инсталациите со огледала. Всушност, нејзината најнова изложба „Бескрајни огледала” е, веројатно, најпосетениот уметнички настан. За големите обожаватели на Кусама е и новоотворениот музеј во Токио.

Музејот на Ив Сен Лоран, Франција

Посветен на големиот француски моден дизајнер, музејот, кој се наоѓа во неговото поранешно ателје, е еден од двата музеи во чест на Ив Сен Лоран што се отворија минатиот октомври. Музејот во Париз прикажува голема колекција на висока мода и скици и, исто така, ги споделува информациите за неговиот личен и професионален живот. Повеќе од 5.000 парчиња облека и 1.500 додатоци се поделени меѓу двата музеи.

В&A музеј на дизајн, Шкотска

Музејот за дизајн Б&A, прв ваков во Шкотска, ќе биде отворен во 2018 година, со што ќе биде првиот музеј на Викторија и Алберт надвор од Лондон. Неговата колекција, на заем од Лондон и од други шкотски музеи, ќе опфати околу 300 парчиња, почнувајќи од 15. век до денес. Но, еден од најзначајните аспекти на музејот е архитектурата на Кенго Кума. Тој, исто така, го дизајнира Олимпискиот стадион за 2020 година во Токио.

Музеј на науката Филип и Патриша Фрост, Мајами

Новиот музеј на науката во центарот на Мајами е нешто што не треба да го испуштите. Тој содржи најсовремен планетариум, аквариум со три нивоа и многу интерактивни научни изложби. Располага со посебна просторија, каде што децата (и возрасните) можат да научат за науката, технологијата, инженерството, математиката, итн.