НАЈГОЛЕМАТА 3-Д ОТПЕЧАТЕНА ЗГРАДА НА СВЕТОТ НАПРАВЕНА ВО ДУБАИ

Дубаи, (Дезин)

Компанијата за роботско конструирање „Апис кор“ ја користеше својата технологија за да ја изгради најголемата зграда на светот направена со 3-Д печатење.

Висока 9,5 метри и со површина од 640 квадратни метри, двокатната зграда се наоѓа во Дубаи, при што од компанијата велат дека користеле материјал што се базира на гипс. Печатењето се правеше на отворен простор, со цел да се покаже дека оваа технологија може да издржи услови во кои што не се контролираат влажноста и температурата.

„Проектот ни даде уникатно знаење и непроценливо искуство, што ќе ни помогне да ја усовршиме нашата технологија и да развиеме нова верзија на нашиот 3-Д печатар. Овој проект е голем чекор напред за бетонската 3-Д печатарска индустрија“, изјави основачот и извршен директор на „Апис кор“, Никита Чениунтаи.

Наредната година, „Апис кор“ планира да ја искористи својата машина за градење достапни домови во Флорида, Луизијана и Калифорнија.

3-Д отпечатени куќи бргу се градат и не се скапи. Оваа година, во Шангај се отвори најдолгиот пешачки мост на светот добиен со оваа техника.