Јапонскиот премиер Шинзо Абе го отвори новиот национален стадион во Токио, на кој следната година ќе се одржат церемониите на отворањето и на затворањето на Летните олимписки игри. Тој, исто така, ќе биде домаќин на атлетските натпреварувања. Стадионот го проектираше наградуваниот јапонски архитект Кенго Кума.

„Стадионот совршено се вклопува во неговото природно опкружување. Во неговата структура е искористено многу дрво“, кажа гувернерот на Токио Јурико Коике, укажувајќи на зеленилото кое е насекаде.
Иако Токио е густо населен град, тој содржи голем број паркови и зелени области, што е применето и на новиот стадион. На 30 метри височина, на петтото ниво, се наоѓа шеталиште со клупи, цвеќиња и дрвја, кое кружи околу целиот стадион и нуди убав поглед на градот и на планината Фуџи.

„Сакавме да ги нагласиме сите четири годишни времиња, за да можат луѓето да го користат стадионот преку цела година и да уживаат“, вели архитектот Кума.
Изградбата на стадионот, кој има 68.000 седишта, што може да се прошири до 80.000, чинеше 1,43 милијарди долари. Летните олимписки игри почнуваат на 24 јули.