ОТВОРЕН ПРВИОТ ДЕЛ ОД „ВИСЕЧКИТЕ ВАВИЛОНСКИ ГРАДИНИ НА ШАНГАЈ“, НА КОЈ СЕ ПОСАДЕНИ 1.000 ДРВЈА

Шангај, (Дезин)

По осум години изградба, во Шангај се отвори првата секција од комплексот „1.000 дрвја“, дизајниран од студиото на британскиот архитект Томас Хедервик. Опишан како „Висечките вавилонски градини на Шангај“, објектот содржи 1.000 столбови, на чиј врв е посадено дрво.

Кога ќе биде целосно готов, комплексот ќе зафаќа површина од 300.000 квадратни метри и ќе опфати ресторани, музеи и галерии.

„Тој ќе стане најсјајниот бисер долж 42 километри долгиот речен брег на Суџу во центарот на Шангај“, кажаа од студиото.

Во столбовите е вграден систем за наводнување кој ќе ги одржува дрвјата здрави. Посадени се повеќе од 70 различни видови дрво.

Втората фаза од проектот, повисока структура која ќе содржи висечки градини, треба да се отвори за две години. Двата дела, налик на планински врвови, ќе бидат поврзани со мост и тунел.