Париз ќе сади дрвја и градини околу неколку свои историски обележја со цел да го подобри квалитетот на воздухот во градот.
Градоначалничката Ан Идалго ги објави плановите за садење на мали „урбани шуми“ на четири локации: градското собрание, операта, железничката станица „Лион“ и брегот на реката Сена.
„Париз мора да се прилагоди на температурните промени. Меѓувладиниот панел за климатски промени предвидува бранови на жештина од 50 Целзиусови степени до 2050 година. Имаме обврска уште денес да реагираме“, изјави Идалго.
Оваа шема на садење е дел од пошироката цел 50 проценти од површината на Париз да бидат покриени со вегетација. Градот, исто така, сака да постигне да биде јаглеродно неутрален до 2050 година.
Идалго вели дека новозасадените дрвја нема да го покриваат погледот на овие архитектонски ремек-дела. Бидејќи брегот на Сена е заштитен од УНЕСКО како светско културно наследство, таму нема да се садат дрвја, туку тревнати градини.