ПРВИОТ ЗЛАТЕН ХОТЕЛ НА СВЕТОТ ОТВОРЕН ВО ВИЕТНАМ, ВО ЦЕЛИОТ ЛУКСУЗ МОЖЕ ДА СЕ УЖИВА И ЗА 250 ДОЛАРИ

Ханој, (Бизнис инсајдер)

Постојат луксузни хотели и луксузни хотели обложени со злато. Тоа е токму она што може да се доживее во хотелот „Долче бај Виндам Ханој голден лејк“ во Виетнам, прв од таков вид на светот, кој неодамна се отвори.

Сместен на брегот на езерото Гијанг Во во централната област на Ханој, хотелот има идеална локација за да се истражуваат некои од најпознатите места во градот, како мавзолејот на Хо Ши Мин, Храмот на литературата и Стариот дел. Хотелот се градеше 11 години и чинел околу 200 милиони долари.

(Фото: Ројтерс)

Надворешноста на хотелот е целосно обложена со 24-каратно злато, како и некои внатрешни делови и простори. Хотелот располага со фитнес центар во кој гостите имаат на располагање професионални тренери, а на покривот е бесконечен базен, исто така обложен со 24-каратно злато.

(Фото: АФП)

„Можеби ќе се запрашате зошто злато? Целта не беше само да се создаде естетски феноменална архитектура, туку и да им се понуди најлуксузна можна услуга на нашите гости“, велат од хотелот.

Тој има 342 соби, десет дуплекс апартмани и еден претседателски дуплекс апартман. И покрај сиот луксуз, престојот во хотелот не е така недостапен, бидејќи цените на собите почнуваат од 250 долари.

(Фото: Гети)