Кустосот од Музејот на современа уметност Благоја Варошанец е годинашниот добитник на наградата „Ладислав Баришиќ“, што ја доделува Здружението на ликовни критичари „АИКА Македонија“.

Комисијата во состав Елена Вељановска, Ана Франговска и Нада Пешева му ја додели наградата за проектот „Тајните места на Скопје“ поради „развиеноста, обемот и акутноста на истражувачката проблематика“.

Проектот се осврнува на итната потреба од документирање, мапирање и архивирање на современото модерно уметничко наследство (скулптури, објекти, мурали, мозаици, витражи), поставено во јавен простор на територијата на Скопје и создадено во периодот од Втората светска војна до 1990-ите.

„Со тоа, се откриваат дела и целини кои низ годините и поради непланските зголемувања, украсувања и сквернавења на јавниот простор, особено со проектот Скопје 2014, се сокриени, запоставени и оштетени“, велат од Здружението.