Пари Сен-Жермен планира да се раздели од својот историски стадион „Парк на принцовите“ поради спорот со градските власти и да си изгради нов. Клубот со години се обидуваше да го купи, прошири и модернизира „Паркот на принцовите“, но беше одбиван од градот.
ПСЖ затоа најави изградба на нов стадион и веќе најде локација за него, јавуваат француските медиуми. Новиот стадион со 90.000 седишта би се наоѓал во Маси, јужно предградие на Париз, оддалечено 15 километри од центарот. Неговата цена би била над милијарда евра. Во рамките на стадионот ќе има и продавници и хотел.
Поради неможноста да го добие сопствеништвото врз „Паркот на принцовите“, чиј капацитет е 48.000 гледачи, газдата на ПСЖ Насер Ал-Хелаифи планира да изгради еден од најголемите и најнапредни стадиони во Европа. Сегашниот најголем стадион во Франција е „Стад де Франс“ со 80.000 седишта.
(Фото: Шатерсток)